Здрав Живот

Зошто појадокот е најважниот оброк во денот?

Добро е познат податокот дека утринскиот оброк помага во стартување на вашиот метаболизам и согорување на калориите во текот на денот. Покрај тоа, добивате енергија која ви е потребна за да ги завршите секојдневните обврски.

Многу студии наоѓаат корелација помеѓу појадокот и доброто здравје, со акцент на подобра меморија и концентрација, пониско ниво на „лошиот холестерол“ LDL и помали шанси за дијабетес, срцеви заболувања и секако, прекумерна тежина.

Прескокнувањето на утринскиот оброк може да го поремети ритамот на вашиот организам. Кога ќе се разбудите, шеќерот во крвта што му е потребно на вашето тело за најдобро да функционираат вашите мускули и мозокот е вообичаено ниско. Појадокот помага да тој се надополни!

Појадокот ви дава можност за внесување на одредени витамини и хранливи состојки кои се дел од здравата исхрана, како на пример одредени млечни производи, житарици или овошја. Сепак, најдобра идеја е да подготвите комбинација на храна која е богата со протеини и влакна. Во продолжение издвојуваме четири најважни причини поради кои појадокот НЕ треба да се прескокне:

1. Ја подобрува функцијата на мозокот

Појадокот има една од најважните улоги во одржувањето на ефикасното когнитивно функционирање. Извештаите од разни истражувања одат во прилог на тоа дека појадокот помага во подобрување на концентрацијата, вниманието, способноста за решавање на проблеми и меморијата. Студиите покажале дека луѓето кои одлучуваат да го прескокнат појадокот се помалку продуктивни на работните места, помалку ефикасни во наоѓања на солуции во однос на разноразните проблеми во споредба со луѓето кои редовно појадуваат.

2. Го зголемува нивото на енергија

Ако се борите со недостаток на енергија или чести енергетски падови во периодот околу пладне, размислете за тоа дали таа состојба е предизвикана поради прескокнувањето на доручекот. Вашиот мозок и вашето тело имаат потреба од одредено ниво на глукоза за да почнат да функционираат ефективно и ефикасно. Со оглед на тоа дека во текот на ноќта (додека спиеме) не внесуваме храна, појадокот му дава одличен стимуланс на вашето тело и претставува извонреден извор на енергија.

3. Ја одржува и регулира вашата тежина

Појадокот може да биде една ефективна компонента во справувањето со вишокот на килограми или во одржувањето на одредена килажа. Истражувањата покажуваат дека луѓето кои појадуваат наутро имаат тенденција да внесат помалку калории во текот на еден ден, отколку  оние кои го прескокнуваат истиот. Исто така, се наведува дека поединците кои го прескокнуваат појадокот консумираат повеќе шеќери и масна храна во вечерните часови, што во круг резултира со прекумерна тежина. Кога подолго време поминува без да внесувате храна и потоа ја консумирате истата, организмот по механизам ја складира во вид на масти.

4. Постои поврзаност со здраствените проблеми

Доколку го прескокнете појадокот, вие го лишувате вашиот организам од соодветната исхрана. На тој начин се јавува тенденција на дефицит од минерали како што е калциумот. Покрај тоа, невнесувањето на овошје и зеленчук значат и недоволен внес на витамини. Постојат и уште поголеми ризици со прескокнувањето на појадокот, како што е „лошиот холестерол“ кој може да резултира со срцеви заболувања. Уште едно истражување открива дека постои поголем ризик кон дијабетес кај луѓето кои постојано го пропуштаат утринскиот оброк.