Дизајн

Бојата за ентериер која ќе ја одбележи 2015 година

Пролетта и периодот по Велигденските празници, се совршено време кога можете да планирате и реализирате поголемо реновирање на вашиот дом. Доколку сеуште не сте се одлучиле во која насока сакате да го сторите тоа еве неколку предлог идеи за трендовите кои се предвидени оваа година.

Иако кај нас – во Македонија, секогаш се случува задоцнето да доаѓа одреден тренд кој во моментот на големо зема замав во Европа, истото не пројде како исклучок и оваа година. Неодамна кај нас беше поставен Саемот на Мебел за 2015 година и многу од излагачите промовираа бои кои беа во тренд дури пред две-три години. Тоа се однесува на тиркизната боја, светло сината, циклама, жолтата, портокаловата и слично, што е голема спротивност на онаа палета која што моментално важи за “ин”. 2015 Година е предвидена како година која во областа на дизајнот на ентериери ќе биде одбележана по смирените и топли тонови кои соодветно си одговараат со бакарната, бронзената, и бојата на старо злато и сребро.

Онаа боја која можеби и најмногу би можела да се земе како боја за оваа година е т.н. guilford green. Тоа е боја која има светло зелена нијанса со сребреникав ефект. Според експертите оваа боја внесува позитивност во ентериерот, лесно се комбинира и одговара со секоја визуелна глетка низ прозорецот.

Она што е најинтересно како заклучок за моменталните трендови е она што дури и мнохроматската палета е модерна за вашиот дом. Уредувањето на сите елементи во една боја како со бела, беж или сива е нешто што можеби е и најлесната опција, со која не се навлегува во ризик и е целосно во тренд. Во овој случај она што морате да го знаете е тоа што ќе ви биде потребно добро решение за поставеноста на светечките елементи и што е можно повеќе амбиентални светла со кои што ќе може да си играте во просторот.

Ваше е да одлучите дали ќе ја одберете модерната зелена нијанса или некоја друга, дали ќе бојадисате одредени делови или ќе одите на монохроматско уредување, но секогаш бидете во чекор со модерното живеење и докажаните производители.

Пишува: Викторија Ланговска

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

16 + eleven =