Џиновски штрк како дел од мебелот во еден француски бар:

Кој би рекол дека еден бар низ кој ќе биде поставен четириесет метарски штрк би изгледал толку примамливо и уникатно?

На еден облакодер кој се наоѓа близу до Париз, на 144m над градот се наоѓа бар кој секојдневно привлекува многу посетители. Ентериерот на овој бар е всушност дело на францускиот графички дизајнер Jean Jullien , кој преку мала игра на мебелот постигнал цела една приказна.

Неговиот концепт се состои од џиновскиот штрк кој се протега по страните на целиот бар, а околу него се поставени многу фотелји и масички кои се во форма на јајца.

Долгиот врат на штркот претставува еден вид на ниска клупа на која исто така може да се седи во зависност од положбата која што ќе си ја завземе друштвото, а шанкот е всушност телото на штркот, кружно и симболично претсавено со пердуви преку релјефни додатоци.

Вака изгледа скицата на целиот простор. Генијална идеја во која се мислело на се, а воедно и се постигнал уникатен ефект.

Што мислите вие, ви се допаѓа ли да пиете кафе во еден ваков амбиент?

Пишува:

Викторија Ланговска

Јапонска куќа со многу тесен дизајн:

Без разлика дали се работи за големината на парцелата или пак само за интересно архитектонско решение, оваа куќа во Токио веднаш може да го привлече нашето внимание.

 

Архитектонското решение на оваа куќа е всушност главната причина за она што не привлекува да ја анализираме. Нејзината екстремно тесна форма е она што не доведува да се запрашаме дали воопшто има простор во ентериерот за основниот мебел.

Добрата организираност на собите и оној мебел кој што е искористен во нив ни покажува дека  воопшто  не и недостасува нешто и се изгледа како стандардно модерно уредување.

Друго што е интересно кај оваа куќа, е интересната поставеност на прозорците. И покрај тоа што оваа куќа е тесна таа има два големи прозорци поставени на долгнавестите страни еден спроти друг. Покарај овие големи прозорци, на страничниот тесен дел има поставено уште два прозорци еден над друг.

Ентериерот на оваа куќа е внимателно решен за да биде максимално искористен просторот. Покрај дрвениот тип на седење, со место за складирање под него, исто така е искористен и најтесниот дел во ентериерот, а тоа е највискојата точка – кај кровот, каде што е направена една мала галерија која служи како соба за играње на децата.

Со овој архитектонски проект и внатрешно уредување, јапонските дизајнери повторно ни пренесуваат уште еден пример за иновативност, функционалност и евективност во се она што го создаваат.

Пишува: Викторија Ланговска

Тапети со крупни геометриски форми:

Сигурно веќе сте забележале дека геометриските текстури, составени од најразлични триаголници, правоаголници, квадрати, баклави и слично се многу модерни оваа година.

 

Овие интересни ѕидови што ги гледате на фотографиите се облепени со тапети на Pixers кои се составени од крупни дезени во пастелни бои.

Кога се работи за избор на крупен дизајн, многу е важно боите да бидат посмирени и суптилни, затоа што во спротива се ќе изгледа многу нападно и тешкo за гледање. Тапетите од овој тип иако можеби на прв поглед изгледаат како да треба голема храброст за да се употребат, тие воопшто не се тешки за комбинирање. Со нив можете да комбинирате дополнителни декорации како на пример перничиња со друг тип на геометриски текстури и можете да додавате декоративни полици и рамки на самите нив.

Поради самата разиграност на ваквите дезени, воопшто не мора да се грижите дали нијансата на подот или тепихот кој што веќе го имате, ќе ви одговара на нив. Слоботата во комбинирањето на различните бои и материјали е она што ќе го разубави и карактеризира просторот.

Па, што велите вие за овие дизајни? Дали би ви требало да соберете голема храброст за еден ваков избор?

Пишува:

Викторија Ланговска

Ентериер на куќа во Лондон

Оваа лондонска куќа покрај огромната градина изобилува и со многу интересен и разновиден мебел и секое нејзино ќоше е интересно за анализирање.

 

Она што е интересно и несекојдневно е големата пространост во која се сместени неколку различни катчиња без преградни ѕидови кои што формираат посебни соби. На горната фотографија може да се забележи дека таму е претставено едно креативно катче со различни комбинации од столици и маси (работна и кружна), црно-бела кожа поставена на подот и неколку слики меѓу кои и еден портрет на Вуди Ален.

На следната фотографија можеме да забележиме работно катче составено од работна маса, лампа, едно сосема поразлично столче од претходните, тепих со ориентален мотив и помошна табуретка обложена со кожа но исто така поразлична од онаа во амбиентот погоре.

Катчето наменето за дневниот простор е отворено накај градината. Прозорците се големи почуваат од подот па се до таванот, за да може зеленилото слободно да навлезе и да биде составен дел од овој ентериерот.

Во спалната соба можеме да го почувствуваме амбиентот од катчињата погоре. Тука се столчето, малата комодичка, па дури и крзнени перничиња, додека пак во бањата можеме да го почувствуваме амбиентот на природата со под од камчиња наместо плочки.

Ова е уште еден пример за иновативно наместен енетериер каде што секое катче е наместено според потребите на оние кои што живеат во него.

Пишува:

Викторија Ланговска

Совршени кревети во комбинација со квалитетни теписи

Спалната соба е една од собите која заслужува да и се посвети повеќе внимание и да се уреди со стил, затоа што таа е изворот на одмор неопходен за нашата енергија.

 

Изборот за креветот кој е главен елемент и ја завзема централната позиција пред се треба да биде внимателно избран и се разбира квалитетен, а доколку покрај него го одберете и тепихот кој што најмногу ќе одговара, тогаш ќе го добиете совршениот изглед на една спална соба.

Дизајнот на креветот одберете го според големината на собата, според тоа дали сакате помек или поцврст душек, а потпирачот одберете го според тоа дали читате навечер, ако имате таква навика да го правите тоа, тогаш одберете потпирач со дополнителни перници. Поставеноста на креветот одберете ја според функциите кои што ги извршувате во собата. Доколку сакате да имате дополнителна фотелја или табуретка тогаш одставете малку повеќе простор од едната страна.

Теписите одберете ги според веќе избраниот дизајн на креветот. Доколку креветот е еднобоен, одберете тепих во повеќе бои но со слични нијанси, а доколку пак креветот е минималистички и во потемни бои, одберете тепих со кожни или крзнени детали.

Кога се работи за големината на тепихот изборот е целосно препуштен на вас и тука нема некои одредени правила. Големината зависи од тоа дали сакате да оставите повеќе т.н. голи површини каде што подот ќе се гледа или пак сакате што пкмалку да ги има. Во вториот случај, многу често се поставува и некој еднобоен тенок теписон одоздола, а  подоцна се додава помало парче тепих на  местата каде што повеќе се гледа.

Немојте да заборавите дека овие квалитетни кревети и теписи со навистина уникатни и најнови дизајни можете да ги најдете во просториите на Крес и истите да бидат дел и од вашата спална соба која што вреди да има совршен изглед.

Пишува:

Викторија Ланговска

Куќа за летно разладување:

На сите добро би ни дошло едно вакво освежување во овој топол период. Поглед на море и јасно гледање на зајдисонцето. Оваа крајбрежна куќа во Чиле има се што е потребно за едно мирно и прекрасно лето.

Архитектонскиот план на оваа куќа е многу едноставен. Се работи за едно ниво и правоаголна форма, која што во средината има простор за паркинг место на автомобилот. Ваквиот план е неслучајно обмислен на овој начин. Ниската градба на објектот е да не се наруши природата и погледот на сите посетители на ова место кон карпата, поделбата на двата дела со паркинг местото е поради заштита од силниот ветар, а пак долгнавестата форма свртена кон морето е за да се впие што е можно повеќе дневна светлина и се разбира буден поглед кон водата. 

Ентериорот на оваа куќа се состои од една дневна соба, кујна, трпезарија, три спални соби и две бањи. Исто така пред самата куќа се наоѓа и долгнавеста тераса, а со помош на лизгачките прозори може да се претопат екстериерот и ентериерот едно во друго. Мебелот кој што е искористен е сведен на минимум и во светли бои.

Се надеваме дека внесовме малку свежина во вашата дневна инспирација и разладување од од она што секојдневно сме навикнати да го гледаме.

Пишува:

Викторија Ланговска

Со неонски акценти создадете моќен впечаток:

Како еден од трендовите кои што можеме да ги забележиме во последно време, се и овие неонски бои кои што се почесто ги гледаме како акценти во урбаните ентериери.

 

Доколку сте авантуристи по природа и сакате да експериментирате со стиловите и боите, тогаш ваквиот стил многу ќе ви помогне во формирањето на моќен ентериер.

Овие неонски бои кои што сами по себе мнгу дречат и привлекуваат внимание, најдобро би било кога би ги користеле во комбинација со потемни бои како на пример сивата. Сивата боја ќе создаде одлична подлога за употреба на една или повеќе неонски бои наеднаш и ќе дозболи тие да отскокнат од останатите елементи.

Доколку ве заинтересира овој стил , применете го во предмети како столчиња, перничиња, лампи, черги, вазни, рамки и сл. Употребете ја вашата имагинација и создадете моќен ентериер.

Пишува:

Викторија ланговска

Ресторан со име: “Стаклена куќа во дворот на уметникот”

“Стаклена куќа во дворот на уметникот” е многу невообичаено име за еден ресторан, но доколку го разгледаме неговиот ентериер, тогаш со сигурност ќе дознаеме зошто е толку ексцентричен и привлечен во исто време.

 

Ресторанот кој се наоѓа во Бангкок е едно навистина привлечно место кое те тера да го посетиш и анализираш. Дизајнирано е во сосема уметнички стил односно постигнат е амбиент во кој како ненадејно да сме се нашле во куќа на некој уметник. Многуте скици закачени на ѕид, различните типови на столчиња, лежерно поставените завеси и прекрасното амбиентално осветлување го прават овој енетериер многу примамлив и удобен.

На многу места можат да се забележат декорации од рамки за прозорци поставени покрај ѕидовите или пак цел прозорец кој има улога на огледало. Ваквите суптилни елементи го надополнуваат амбиентот на уметникот кај кој се наоѓаат најразлични предмети кои би му послужиле за инспирација и го следат самото име на ресторанот – стаклена куќа…

Боите употребени за овој амбиент како: крем, беж, нијанси на кафено и сиво го прават амбиентот уште поудобен, смирувачки, елегантен и толку воодушевувачки. Ваквиот тип на ентериерно уредување е навистина реткост, особено за јавните простори, а тоа го прави уште попосакуван и атрактивен.

Пишува:

Викторија Ланговска

Куќа со внатрешен базен:

Оваа куќа е едно интересно решение со базен кој што е поставен во нејзиниот ентериер. Куќата се состои од три ката, а вкупната квадратура изнесува 452 m2.

 

Основните материјали од кои што е изработена оваа куќа се бетон, метал и стакло, а кровот кој што е употребен е сосема рамен, без ни едно закосување. Внатрешноста на куќата се состои од повеќе соби. На првиот спрат се наоѓаат: дневна соба, кујна, трпезарија, просторија во која се наоѓа базенот и тоалет. Собите не се класично преградени, туку се широко отворени една кон друга.

На вториот кат се наоѓаат неколку спални соби, еден тоалет и работна соба. Подрумот е уште едно ниво кое што го има оваа куќа (што не е чест пример кај големите куќи) и тој има функција на остава и утилити соба каде што се сместени поголемите машини потребни за домот.

Низ целата куќа има големи прозорци кои овозможуваат убаво природно осветлување и панорамски поглед кон природата. Сепак, најголемиот акцент на оваа куќа што ја прави толку необична е базенот поставен во внатрешноста. Тој во комбинација со овие големи прозорци овозможува негово користење во секое време од годината и природен поглед кон надворешноста.

Пишува:

Викторија Ланговска

Модерна куќа со марокански детали:

Дали некогаш сте размислиле за комбинирање на модерното со нешто традиционално? Оваа куќа која има еден високо модерен стил, има исто така и проткаено марокански детали кои одлично се издвојуваат како акценти во минимализмот.

 

Овој ентериер, покрај дневната соба, кујната и трпезаријата, содржи уште три спални соби, четири тоалети, голема тераса и двор каде што и на двете места е поставено удобно седење.

Низ целиот ентериер можат да се забележат детали кои се превземени од мароканскиот стил како: мали споредни масички, перничиња, огледала, текстури, а најмногу од сите нив привлекуваат внимание влезната врата изработена од железо, големите полочки во т.н. теракота боја и кружниот спа-базен.

Овој модерен ентериер со детали на кои е посветено многу внимание е една интересна идеја како можеме да си играме со нив и да ги комбинираме стиловите.

Пишува:

Викторија Ланговска