На сите добро би ни дошло едно вакво освежување во овој топол период. Поглед на море и јасно гледање на зајдисонцето. Оваа крајбрежна куќа во Чиле има се што е потребно за едно мирно и прекрасно лето.
Архитектонскиот план на оваа куќа е многу едноставен. Се работи за едно ниво и правоаголна форма, која што во средината има простор за паркинг место на автомобилот. Ваквиот план е неслучајно обмислен на овој начин. Ниската градба на објектот е да не се наруши природата и погледот на сите посетители на ова место кон карпата, поделбата на двата дела со паркинг местото е поради заштита од силниот ветар, а пак долгнавестата форма свртена кон морето е за да се впие што е можно повеќе дневна светлина и се разбира буден поглед кон водата.
Ентериорот на оваа куќа се состои од една дневна соба, кујна, трпезарија, три спални соби и две бањи. Исто така пред самата куќа се наоѓа и долгнавеста тераса, а со помош на лизгачките прозори може да се претопат екстериерот и ентериерот едно во друго. Мебелот кој што е искористен е сведен на минимум и во светли бои.
Се надеваме дека внесовме малку свежина во вашата дневна инспирација и разладување од од она што секојдневно сме навикнати да го гледаме.
Пишува: Викторија Ланговска