Дизајн

Обострана инспирација – ентериери и мода

Модната индустрија и ентериерите одсекогаш биле инспирација едни за други. Доколку се направат паралели помеѓу она што се носело низ годините и стилот на ентериерите во кои што се живеело, ќе забележиме дека овие две индустрии секогаш се прателе една со друга.

Најпрво можеме да ја земеме текстилната индустрија како причина за сличностите во овие две области. Многу често мотивите на материјалите кои што се користат за шиење на некое парче облека, се користат и за тапацирање на столчиња, гарнитури, фотелји, за прекривки, завеси, па се до декоративни лампи, тапети и сл.

Како друга причина можеме да ги земеме формите карактеристични за едно одредено време или период. Некогаш геометриски, некогаш футуристички, кружни, флорални, актуелниот стил во формите, секогаш бил диктиран и наметнат и од ентериерите и од модата.

Иако спектарот на боите е навистина голем и секогаш можат да се прават безброј комбинации, дури и преку нив можеме да дефинираме стил кој што презентирале ентериерите и модата. Потсетете се на стилот на 60-тите години на 20-тиот век. Жолтота, портокаловота, кафената, зелената… и сите малку пригушени, стил што веднаш можеме да го препознаеме во декорациите за домот и модните парчиња.

Денес можеме да забележиме многу различни стилови и во модата и во домовите. Се повеќе формите, текстурите и боите се мешаат едни со други, но токму ова е  причина плус за внимателно да ги анализираме и да бидат нашата инспирација за уникатен и урбан стил.

Пишува: Викторија Ланговска

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

three × 4 =