Архитектурата низ делата на Антони Гауди
Барселона е добро позната дестинација за патниците кои сакаат да доживеат добра мешавина на забава и култура, во едно модерно окружување. Ќе отидете „таму или онаму“, но секаде ќе забележите непогрешливи ткаенини на архитектот, мајсторот Антони Гауди. Неговиот уникатен пристап ги создаде веројатно најкреативните градби во Каталонскиот регион, а веројатно и на светско ниво. Ние сметаме дека најдобар начин да ја доживеете Барселона е токму преку неговите градби. Еве ги најпознатите архитектонски дела:
1. Casa Vicens
Ова е првата важна градба на Гауди. Висенс е имагинативен станбен проект, направен за богато семејство кое поседувало фабрика за керамика. Ова јасно се гледа во фасадата која содржи најразновидни керамички украси. Исто така ќе бидете во можност да погледнете неколку влијанија на исламската архитектура во фасадата и во некои од просториите.
2. La Pedrera (Casa Milà)
Ова е една од главните станбени градби во која живеел Гауди и една од најимагинативните куќи во историјата на архитектурата. Денес оваа градба повеќе има улога на скулптура отколку на живеалиште, место кое ќе ви го одземе здивот преку разните егзибиции. Фасадата е разновидна и ги прикажува неправилностите во природниот свет. УНЕСКО во 1984-та година ја признава оваа зграда за светско културно наследство.
3. Parc Güell
Изграден помеѓу 1900-та и 1914-та година, ова ремек дело е дел од светското културно наследство на УНЕСКО. Овој маестрален комплекс содржи серија на динамички дизајнирани згради, вклучувајќи ја и куќата на Гауди. Повеќето објекти имаат површини кои се прекриени со неправилни, обоени керамички парчиња, што е во сржта на уметноста на Гауди. Овој парк е нешто што не смеете да го пропуштите за да уживате во мирна прошетка во природата, додека гледате во уметничките дела на Гауди.
4. Casa Batlló
Куќата Батљо (Casa Batlló) е резултат на речиси комплетна реставрација на старата коневенционална куќа која е изградена во 1877-та година. За таа цел Гауди користи конструктивни елементи кои се типични за модернизмот и генерално каталонската уметност, како: керамика, камен, ковано железо и слично. Иако на почетокот на изградбата била строго критикувана, поради радикалниот дизајн кој прекршил некои подзаконски акти на градот, денес Casa Batlló има признание за една од најдобрите три згради во Барселона.
5. La Sagrada Familia
Што уште да се каже за најпознатото дело на Гауди? Саграда Фамилија е започната да се гради во 1892-та година, а се очекува да биде целосно завршена до 2030-та година. Маестралната архитектура, со маестралните скулптури даваат спој на односот помеѓу човекот, природата и религијата. Качувањето на една од кулите ќе ви даде уникатен поглед на Барселона. Покрај феноменалниот ентериер и архитектура, интересен податок е што во внатрешноста ќе ја видите испишана молитвата, а во позадината е испишан делот „Оче наш“ на сите јазици во светот, вклучувајќи го и македонскиот.
6. Cascada – Park de la Ciutadella
Инспирација за оваа прекрасна фонтана била познатата фонтана Треви во Рим, Италија. Се наоѓа во најпознатиот парк во Барселона – Park de la Ciutadella. Самата архитектура на Гауди е полна со невообичаени елементи кои не можете да ги видите на другите згради. Не е изненадување зошто делата на овој архитект создаваат одлични дестинации за посета, кои без сомневање ќе ви создадат неверојатен впечаток.