Дизајн

Психологија на храната: боја на чинии

Психологијата како наука е особено важна во секој аспект од нашето живеење и соодветно се интегрира и во навидум секојдневни процеси кои не е очигледно дека треба да подлежат на таков тип анализа.

Во последно време, тоа е се почесто истакнато кај новиот правец кој се развива во психологијата, психологија на храна. Ова е пристап кој ги обединува сите сегменти на храната и тоа од подготовка, до послужување, користени садови, големина на порции, начин и брзина на јадење и вкусување на храната.

Во серија на блогови ќе ги опишеме различните психолошки аспекти на овие процеси, а во рамките на овој напис ќе започнеме со опишување на психологијата на бојата на садовите за послужување на храната.

Имено, бојата на чинијата може да даде индиција да јадете помалку или повеќе од послужената храна. Според одредени истражувања послужување на храна со дадена боја во чинија со боја комплементарна на храната испитаниците изеле 18% повеќе, за разлика од експеримент каде истата храна била полужена во чинии со бои некомплементарни на храната.

Оваа информација може да биде позитивно искористена, особено кај децата, каде се препорачува салатите и зеленчукот да бидат послужени во соодветни чинии за да се зголеми нивниот внес во исхраната.

Од друга страна, може да се користи обратен пристап за да се намали конзумирањето на храна која не е полезна за телото.

Се објаснува и дека конзумирањето на храната во црвена чинија ја намалува мотивацијата за јадење, што е полезно за испитаниците кои биле на диета.

Се претпоставува дека причината за тоа е субјективната асоцијација на црвената боја со опасност.

Она што е особено интересно е дека бојата на чинијата може да влијае и на вкусот кој го чувствувате.

Иако е тоа тешко да се разбере, сепак е возможно. Се работи за измама на свеста која доаѓа во заблуда поради преовладување на бојата на чинијата кај оброкот, со што храната се асоцира со боја несвојствена за таа храна.

Она што е особено интересно е дека кружните, бели чинии го истакнуваат слаткиот вкус, врз основа на испитувањата, а темните садови со агли се асоцираат со солена храна.

Послужувањето е асоцирано и со квалитетот на храната. Во истражување спроведено со идентичен сув колач сервиран на чинија од премиум порцелан, хартиена чинија и салвета, испитаниците го оцениле колачот сервиран во чинија од премиум порцелан како колач со највисок квалитет.

Ова истражување продолжило и со експеримент асоциран со приборот за јадење, каде се покажало дека користењето на пластичен прибор субјективно го намалува квалитетот на храната и ги влошува нејзините органолептички својства.

Овие истражувања иако не даваат сигурни резултати за причините поради кои се добиле дадените резултати, сепак даваат валидни податоци за она кое е дефинирано како „психолошко зачинување“ на храната.

 

Изберете ги вашите омилени чинии ТУКА.