Ентериер, Кујна

Мали промени за свежина во кујната

Кујната е место каде често поминуваме голем дел од времето кога се наоѓаме во домот, без разлика дали поминатото време е поврзано со приготвување на најдобрите специјалитети, одржување на хигиената, редење на купените намирници или пак средување на ентериерот.

Поради таа причина, од исклучителна важност е кујната да биде уредена на начин кој ќе ни даде расположение и среќа, а тоа може да се постигне со додатоци кои не само што ќе го разубават просторот, туку и ќе допринесат за неговата функционалност. Сега тоа може да го направите многу лесно во само неколку чекори:

 

1. Закачете престилка на слободниот ѕид во кујната

Распределбата на кујнските елементи често остава празни простори кои го нарушуваат визуелниот баланс на кујната и го губат фокусот на планираното уредување. Закачувањето на престилка, како акцент парче во кујната, не само што ќе даде чувство на поголема професионалност и уредност, но и ќе докаже дека просторот е добро осмислен и уреден со внимание.

 

2. Исфрлете ги пластичните кеси од употреба

Избегнете расфрлани пластични кеси од пазарувањето преку користење на платнена торба која не само што ќе даде чувство на совесност кон природата, туку и ќе го расчисти вашиот дом од натрупување на непотребни предмети. Воедно, обидете се да купувате рефус производи во хартиени кеси, а производите во домот префрлете ги и чувајте ги во стаклени или пластични садови за долготрајна употреба.

 

3. Користете стаклени тегли за складирање

Чувањето на намирници во оригиналните паковања (пр. ориз и мусли во кеса или зачини и кафе во оригиналните паковања) не само што е нехигиенски, го намалува рокот на намирниците, туку и дава визуелен приказ на кујна во која не се посветува грижа за уредноста.

Наместо тоа, изберете стаклени тегли и/или пластични садови (од квалитетна, нетоксична пластика) и со нивна помош направете не само поуреден простор, туку тие да изгледаат и како дел од самото атрактивно уредување.

 

4. Заменете ги кујнските, хартиени бришачи со крпи

Кујнските, хартиени бришачи се исклучително пактични, но поради нивната неможност за реупотреба претставуваат опасност за природата, а воедно нивниот дизајн го нарушува вашиот ентериер.

Затоа, изберете квалитетни крпи, изработени од органски памук кои лесно се одржуваат и не ги задржуваат контаминентите во својата внатрешност.

 

5. Исфрлете го највалканиот предмет во кујната

Иако постојано се наоѓа под вода во присуство на детергент, кујнскиот сунѓер е извор на опасни микроорганизми кои се акумулираат во текот на користењето, а кои се хранат со соковите од храната со која сунѓерот доаѓа во непосреден контакт.

Едноставната замена на тој предмет со силиконски сунѓер со две различни страни (груба и фина) кои не само што ќе го заменат сунѓерот, туку и жицата за садови, ќе добиете инстант почиста кујна и садови кои блескаат.