Дизајн

Кујни кои предизвикуваат воздишки на восхит

Примерот на кујните кои што ќе ги видите во продолжение се она што само италијанците можат да го создадат како дизајн, а ние сме сеуште многу чекори наназад во однос на размислувањата за формата и функцијата на истите.

Брендот stosacucine, кој меѓу разновидниот дизајн на мебел, во своето портфолио презентира и кујни кои буквално предизвикуваат воздишки на восхит. Нивната форма, поставеност на горните елементи во сооднос со долните, уптребата на најразновидни материјали, завршетокот на вратичките или ивиците на полиците, комбинацијата на бои, суптилните или сосема скриени рачки се едни од многуте фактори кои директно влијаат на дизајнот и кои што само врвните дизајнери можат да ги соединат на овој начин.

Во некои од примерите можеме да забележиме и дека во горниот дел на елементите се користени засечоци кои формираат некој вид на неправилен четириаголник, наместо стандардната коцкаста или правоаголна форма со агли од 90 степени. Ваквиот начин на игра на горниот дел, создава една нова, интересна визуелна слика на кујната.

Друга интерсна иновација кај овие кујни е тоа што горните делови се третирани како полици и плакарчиња кои што повеќе би ги сретнале во дневниот простор, отколку во кујниот. Онаа стандардна форма на правоаголни кутии закачени на ѕид за што повеќе да се складираат предмети, буквално се избегнува. Модерниот начин на живеење, налага нови стандарди и stosacucine знаат како да го наметнат тоа.

Наше е да одбереме на кој начин ќе живееме, но во денешно време кога многу од врвните дизајни секојдневно ни се пред очите и свесни сме за сите оние карактеристики со кои отскокнуваат од другите, заслужуваме да го одбереме најдоброто.

Пишува: Викторија Ланговска