Дизајн

Осветлувањето – важен елемент на ентериерот

Осветлувањето има двојна улога во ентериерот – функционална и декоративна. Тоа е составен елемент на уредувањето на просторот и од неговите ефекти значително зависи комплетното чувство во просторот.

Функционалната улога на осветлувањето е ислкучително важна. Правилно осветлениот простор во кој се работи или престојува го олеснува или забрзува реализирањето на сите активности. Тоа особено доаѓа до израз во работните простории, кујните, детските соби, бањите, библиотеките итн. Работната маса треба да биде осветлена од левата или од предната страна, а работните површини како на пример кујнските, од фронталната, како не би дошло до засенување на истите.

Осветлувањето во бањата исто така мора да биде квалитетно бидејќи во тој простор се реализираат активности кои бараат исклучителна прецизност како што е нанесување на мејк-ап на пример. Покрај централното осветлување во бањата пожелно е да се постави осветлување покрај огледалото, а дополнително осветлување може да се постави ислкучиво од декоративни односно амбиентални причини како на пример создавање на романтично чувство за време на бањањето односно туширањето.

Декоративната улога на осветлувањето се остварува преку начинот, видот, обликот, бојата и јачината на распространувањето на светлината. Светлосните ефекти можат потполно да го променат доживувањето на просторот така што со нив често се трансформираат повеќенаменските простории кои преку ден можат да имаат една намена, а навечер друга. Слични ефекти можат да се постигнат и во станбени простории, во кои сегменти на пример од дневната соба може да се користат како работен простор, а истовремено и како простор за опуштање.

Во секоја просторија, независно од основната потреба за поставување на функционално осветлување, кое ќе осигура правилно осветлување и користење на просторот, пожелно е да се постави и декоративно осветлување. Играта на светлината го збогатува просторот и овозможува просторот исполнет со ист мебел и бои да добие нов, поинаков израз. Со светлосните ефекти наједноставно се менува доживувањето на просторот, па токму тоа е совет за сите оние кои сакаат да внесат брзи промени во ентериерот.

Освен со начинот на распространување на светлината, расветните тела можат да го декорираат просторот и со својот сопствен дизајн. Скулптуралноста на лустерите или подните лампи внесуваат уметнички карактер во просторот. Така обликуваните расветни тела не е потребно да се ускладуваат со останатите елементи на ентериерот ниту по боја, ниту по материјал. Скулптурално дизајнираните расветни тела добиваат можност исто како и уметнички дела да бидат независни во пораките кои ги испраќаат кон корисниците на просторот.

Одбирањето на расветните тела е многу индивидуален чин. Иако се во тренд и понатаму расветни тела со XXL димензии, покрај нив може да се комбинираат помали или точкасти расветни тела. При изведби во комплексни простори, во кои осветлувањето има битна улога, но и во приватни станбени објекти во кои се сака да се постигнат квалитетни светлосни ефекти, препорачливо е да се ангажира light дизајнер. Тој со своите пресметки и стручно знаење ќе направи квалитетни решенија во склад со просторните можности. Начинот на осветлување и ефектите кои треба да се добијат зависат од многубројни фактори, па често се случува и покрај големите инвестирања да се добие краен резултат кој не е задоволувачки и тоа само затоа што во целото решение не е вклучена стручна личност.

Осветлувањето е исклучително важен елемент на ентериерите. Најчесто се поставува како последно во просторот, кога финансиските средства се значително исцрпени. Затоа често се бираат привремени ефтини решенија, кои на крајот стануваат конечни. Но тоа е потполно погрешен пристап. Осветлувањето мора да се планира од самиот почеток и тоа низ проект, како што треба да се планира и количеството на финансиски средства кои треба да се вложат. Водете сметка за важноста на осветлувањето на просторот за да можете максимално да уживате во него.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

8 + six =