Дизајн

1.100 долари за еден литар маслени бои? Еве зошто се толку скапи!

Сликањето на платно со маслени бои се смета за една од најтешките уметнички техники. Маслената боја е едноставна. Во својата основа ја крие мешавината од масло и пигмент. Сепак, во зависност од бојата и самиот квалитет, литар од ваков тип на бои чини помеѓу 285 долари и 1.100 долари. Сега автоматски се прашуваме: „Зошто се толку скапи?“, „Што ги прави толку посебни?“ Во процесот на создавање на маслените бои, се додаваат одредени адитиви кои ја згуснуваат смесата и формираат постојана боја. Но, постои една клучна причина поради која цената е толку висока – пигментите чинат многу пари!

На оваа тема своевидно објаснување дава Теген Хагер-Сјуарт, специјалист за бои, која вели дека за маслената боја да биде супер квалитетна, мора да има големо пигментно оптоварување и квалитетен пигмент со самото тоа. Значи, не станува збор само за голема количина на пигменти – тоа „пропаѓа во вода“ доколку истите не се квалитетни.Што се случува со помалку квалитетните бои? Едноставно, создавате ремек-дело, кое по помалку од 50 години целосно избледува и боите почнуваат да паѓаат!

Најквалитетната маслена боја има до 75% пигмент. Во далечното минато, најбараните пигменти се плаќале со големо количество на злато. Тоа е така бидејќи има многу работа за да се откријат, а подоцна и да се направат. Омилена кралска боја во римско време била пурпурната, а нејзиниот светол пигмент бил направен од жлезди на морските полжави. За само 2 грама од бојата, биле потребни околу 12.000 полжави!

Уште побизарна била жолтата боја во Индија, која се правела од урината на кравите кои ги хранеле само со лисја од манго. Во периодот помеѓу 16-ти  и 19-ти век, во високите кругови на Египет била омилена кафеавата боја, која се правела од остатоците на египетските мумии.

Веројатно највредната боја била позната како „ултрамарин“, а се создавала во Авганистан. Во својата најчиста пигментна форма може да чини (и ден денес) до 30.000 долари за килограм. Се користел скапоцен камен за да се направи тој пигмент, се’ додека не се создала синтетичката верзија, во 1826 година. Оваа живописна сина боја била толку почитувана во ренесансниот период, па не чуди што била резервирана за сликање на облеката на Дева Марија.

Денес се достапни синтетички верзии на многу од овие пигменти, па очекувано е тие да бидат многу поевтини. Сепак, се’ уште има пигменти кои тешко можат да се најдат и произведат. Една од нив е кобалт-сината боја, која се прави со загревање на компонентите до 1.200 степени.

Истражувањето и тестирањето за овие бои може да потрае со месеци, со цел да се добие идеалната нијанса. Процесот е бавен и потребно е огромно внимание, бидејќи многу лесно може да дојде до добивање на погрешна нијанса на бојата или дури целосно погрешна боја од планираната. Најважно е, секако, квалитетот на маслената боја да биде на највисоко ниво. Професиналните уметници треба да добијат гаранција дека она што тие го работат ќе трае стотици години!